Home » Уписи » Вонредни

Вонредни

П Р А В И Л Н И К
за полагање на испити за вонредни ученици

Испитите за вонредни ученици, се полагаат најмалку во шест испитни рока: јуни, август, октомври, декември, февруари и  април.

Вонредниот ученик во еден испитен рок може да пријави за полагање најмногу три предмети. Во еден ден ученикот може да полага еден предмет.

Учениците кои треба да полагаат вонредни  испити треба да се најмалку на 17 години возраст и поднесуваат писмено барање во рокот што го определува училиштето.

Вонредните ученици покрај писменото барање приложуваат свидетелство за претходно завршено образование, извод од матичната книга на родени и го назначуваат образовниот профил и годината на образование.

Во рокот предвиден од училиштето вонредниот ученик пријавува испити  со молба  која содржи : име и презиме на кандидатот, образовен профил, година на образование, испитна сесија и ги наведува предметите што сака да ги полага.

Испитите се изведуваат пред испитна комисија именувана од директорот на училиштето, составена од наставници кои ја реализираат наставата. Испитната комисија се состои од три члена: претседател, член испитувач- наставник кој го предава предметот и член друг наставник од училиштето.

Идентитетот на кандидатот пред почетокот на испитот го утврдува испитната комисија преку лична карта.

Испитите се полагаат писмено или писмено и усно, односно само писмено или усно. Писмен дел од испитот се полага по сите предмети за кои со програмата е пропишано да се работат писмени работи.

На испитот се оценува знаењето на ученикот, вештините за примена на знаењето , семинарските работи, графичките и други изработки во согласно со наставната програма.

За писмениот дел од испитот испитната комисија определува три теми, односно групи задачи или комбинации на прашања од кои кандидатот избира само една.

Писмениот дел од испитот трае два наставни часа, а изработката на индивидуалната задача од практичната настава, графички работи и други изведби може да трае и подолго.

Писмената работа ја прегледуваат и оценуваат сите членови на испитната комисија.

Усниот дел од испитот ученикот го полага без оглед на успехот што го покажал на писмениот дел од испитот.

Усниот дел од испитот се полага на прашања (со кои се опфатени сите делови) од наставната програма. Усниот дел од испитот ученикот го полага со извлекување на три прашања подготвени на посебни ливчиња.

При утврдување на оценката по определен предмет се зема предвид покажаниот успех на испитот, а конечната оценка се изведува според знаењата и резултатите што ги постигнал ученикот.